Angular е работна рамка која е создадена и поддржана од Google и е една од најбрзите и најпопуларни open source рамки за развој на веб апликации, базирана на TypeScript. Најчесто се користи за развој на корпоративни веб апликации или апликации со многу динамички содржини.
Според годишната анкета на StackOvervlow за 2020, JavaScript се рангираше на 1 место како најкористен програмски јазик, додека Angular заврши на 3 место како најкористена работна рамка за развој со JavaScript.
Причината за големата популарност на Angular е бидејќи ги „опремува“ девелоперите со неопходните алатки за развој на структурирана и скалабилна single page веб апликација со брзи перформанси и можност за користење на повеќе платформи.
Зошто Angular?
Целосна и детална документација
Документацијата, која е одржувана од страна на Google, ги содржи сите неопходни информации со чија помош девелоперите можат да изнајдат технички решенија и брзо да ги решаваат проблемите.
Голема заедница и екосистем
Може да се најде обемен материјал на секоја тема и постојат најразлични алатки креирани од трети лица.
Долгорочна поддршка од Google
Angular е создаден со цел да постои уште долго време, па затоа е одлична вештина која ќе ти овозможи долгогодишен развој во кариерата.
Архитектура која се базира на компоненти
Компонентите кои се користат лесно може да се заменат со други и да се одделат за да се користат на повеќе места низ апликацијата.
Поддршка за lazy loading
Можност за вчитување делови од код по потреба според тоа како корисникот пристапува до различни делови од апликацијата. Користејќи lazy loading можеме да овозможиме брзо вчитување на почетната страна од апликацијата.
Високо функционална навигација
Вградениот рутер за навигација во апликацијата е многу моќна алатка која овозможува приказ на различни страници врз основа на моменталниот URL во пребарувачот, и доаѓа повеќе до израз кога се зголемува комплексноста на апликацијата.
Серверско рендерирање
Angular universal е технологија преку која се врши серверско рендерирање на веб страните што овозможува веб страната да биде оптимизирана за веб пребарувачи, да придонесе за подобри перформанси на послаби мобилни уреди и да овозможи брзо вчитување на почетната страна.
Мобилна веб апликација за повеќе платформи
Angular е поддржан од страна на Ionic framework којшто овозможува креирање на мобилни апликации за Android и iOS со користење на Ionic компоненти и Angular код.