Успешната соработка со 2Coders

Разговараме со Тина Чурлиновска, Управител и Главен Оперативен Директор на компанијата 2Coders, со која неодамна потпишавме Меморандум за соработка.

1. Кои се 2 Coders?

2Coders е софтверска компанија чиј што главен фокус е развивање на нативни мобилни апликации и ТВ/веб платформи за стримање на видео содржини во доменот на спорт и забава (слично на познатите платформи “Netflix”, “HBO”, “Amazon Prime”, итн.). Компанијата постои веќе десет години на пазарот со седиште на островот Гран Канариа во Шпанија, а минатата година отворивме и развоен центар во Македонија со долгорочен план за раст. Нашиот тим се состои од искусни инженери за мобилни, веб и ТВ апликации, дизајнери, инженери за квалитет на софтвер, бизнис аналисти и проектни менаџери.

2. Како изгледа еден работен ден во 2 Coders?

Динамичноста на проектите и постојаната комуникација со нашите клиенти ширум светот не држи константно во неизвесност. Но, сепак хуморот, сплотениот тим, добрата музика и кафе, прави секој работен ден да биде исполнет со забава и покрај работните обврски. Нашите кандидати се одбрани да соодветствуваат на работната етика и култура на 2Coders и тоа овозможува да имаме релаксирана атмосфера на работа и заеднички да ги решаваме предизвиците.  

3. Што е она што ви е најважно кога правите селекција на идни членови на вашиот тим?

Ние сметаме дека најважно од се’, се пасијата кон работата и желбата за учење. Секако тоа што го евалуираме се и техничката експертиза и запазување на деталите во решението на задачата зададена на интервјуто. Особено се издвојуваат кандидатите кои што доаѓаат со пасија кон тоа што го прават затоа што таа пасија е заразна и ги мотивира останатите вработени. Вредностите кои што ние ги бараме во нашите кандидати се посветеност и интегритет.

4. Каков профил на кадри најчесто регрутирате во вашата компанија?

Профилот на нови кадри најчесто го диктираат самите проекти но би ја издвоиле постојаната потребата за зголемување на тимот на фронт-енд инженери за веб и ТВ апликации и инженери за развој на нативни мобилни апликации (iOS/Android). Воглавно ги следиме трендовите и работиме со најнови технологии како Kotlin, Swift, React, AngularJS, Next.js, исто така и Java, Wordpress, Laravel. Дел од нашите тимови се и бизнис аналистите како и инженерите за квалитет на софтвер, кои се вклучени на речиси сите проекти па согласно обемот на работа се зголемува и потребата за овој кадар.

5. Неодамна потпишавте меморандум за соработка со Кариерниот центар на Семос Едукација. Зошто токму Кариерниот центар и Семос Едукација?

Во нашата компанија постојано ја следиме динамиката на пазарот на трудот и со зголемениот обем на проекти пропорционално се зголеми и потребата за вработување на квалитетен кадар. Во овие моменти ја увидовме важноста на партнерство со реномиран едукативен центар како што е Семос Едукација, пред се’ поради нивниот професионален однос во целокупниот процес на соработка и можноста за адаптација и прилагодливост според индивидуалните потреби на нашата компанија.

6. Што би им препорачале на оние кои сакаат да почнат со работа и се на почеток од својата кариера?

Да ги идентификуваат своите силни страни и интереси и штом ги постават своите цели да се развиваат така што постојано ќе се надоградуваат и ќе стекнуваат нови релевантни вештини и искуство. Фокусирајте се на градење цврста основа и континуирано учење во областа во која што сакате да напредувате.